Авторот е екс амбасадор на Макеоднија во НАТО И Виена
Јозеф Висарионович Сталин и Мартин Лутер Кинг се двете, можеби најспротивставени историски фигури во 20 век, како според своите прокламирани вредности, но уште повеќе според начините на нивното делување.
Нема потреба да се трошат многу зборови за да се појасни меѓусебната контрадикција на веројатно двата најголеми антиподи од минатиот век. Сила наспроти граѓански отпор. Цврста рака наспроти рамноправност. Систематско градење на култот на личноста на првиот, наспроти визионерскиот сон на вториот.
Од првото појавување на Ахмети со книга во рака, во времето на Коминикеата на УЧК во 2001 година, се виде дека се посветува големо внимание на градење визуелен интелектуален габарит на денес најдолговечниот политичар на власт во Македонија. Постапно, а особено по заминувањето на до тогаш неприкосновениот татко на албанското прашање Арбен Џафери, машинеријата на ДУИ засилено гради култ на личноста на нејзиниот претседател. Впрочем, меѓудругото, успехот на ДУИ на политичката сцена во голема мерка се должи и на успешната трансформација на воениот лидер во политички, а потоа и на трансформацијата од шеф на политичка партија во нов „татко“ на македонските Албанци.
Денес, култот на личноста на Али Ахмети, по стариот добар марксистичко-ленинистички терк е солидно етаблиран и патетично реафирмиран од раководството на неговата партија во секоја пригодна прилика. Особено на овој план се истакнува првиот вицепремиер Артан Груби, кој притоа неретко ги преминува границите на добриот вкус. Дури и луто спротивставената фракција на Огнените во ДУИ до сега немаше смелост јавно да му се спротивстави на Големиот лидер, а камо ли пак на било каков начин да го загрози неговиот „лик и дело“.
Последните пет-шест години се забележуваат видни напори ваквиот ретрограден концепт на јакнење на култот на личноста на Ахмети да се модернизира преку поприфатливи и меки пацифистички синтагми, како што е онаа на Мартин Лутер: „Јас имам сон“.
Мартин Лутер навистина имаше голем сон, цивилизациски сон да ја израмни црната популација со белата во секој поглед. Но Ахмети се почесто зборува за остварување на овој или оној сон на тривијални теми.
Очигледно, црвениот телефон на новата реалност алармира дека е време да се напуштат марксистичко-ленинистичките концепти и да се нурне подлабоко во прегратките на демократијата, макар и привидно. Зашто од „соништата“ на Ахмети најголем бенефит има неговата партија. Неговите членови со сета сила ќе продолжат да ја проектираат сликата за Ахмети како татко. Лукративните ефекти од неговите „соништа“ ги чувствуваат главно во ДУИ, иако ни таму не сите, што може да се воочи од фракционерството. Но, македонските Албанци и натаму живеат со истите секојдневни проблеми како и години наназад, во сенката на ликот и делото на големиот Али.
Демократизацијата и силата на албанските опозициони партии во Македонија ќе расне обратно пропорционално со опстојувањето на култот на личноста на Ахмети. Тие тоа добро го знаат, но постојната снисходливост кон Големиот лидер јасно рефлектира дека се уште не се подготвени да преземат целосна одговорност.
А црвениот телефон на новата реалност се почесто ѕвони…
Амбасадор Зоран Дабиќ, PhD






