Инвеститорската јавност во земјава има сериозни причини за зголемена доверба по најновиот Биланс на успех на домашната нафтена компанија „Макпетрол“, откако тој покажа нето добивка од над 15 милиони евра за првите девет месеци од годинава.
„Макпетрол“ со овој финансиски извештај за трите квартали од годинава се потврдува како домашна нафтена компанија која има бизнис и финансиски резултат достоен за респект, но и дека е стабилен и доверлив деловен партнер во еден од најкризните периоди во поновата историја на земјава, проследени со висока инфлација и голема енергетска неизвесност.
Она што треба да се истакне е дека компанијата во периодот од јануари заклучно со септември годинава прикажала значаен раст на приходите, за дури 72 проценти во однос на истиот период минатата година. Всушност, „Макпетрол“ од работењето остварил приходи од 451 милиони евра, податок кој најдобро говори за растот на работењето, но и за сигурноста и перспективноста на основниот бизнис на компанијата.
Ако се погледне приходната страна на Билансот на успех објавен вчера преку Македонската берза, може да се забележи дека во оперативните приходи всушност најголем удел имаат приходите од продажбата, кои пораснале речиси двојно или за 81 процент, достигнувајќи износ од 448 милиони евра.
Притоа, растат приходите и на домашниот и на странскиот пазар. Приходите од продажбата во земјава се доминантни и во првите девет месеци од годинава биле на ниво од 421 милиони евра, што е зголемување за 76 проценти.
Приходите од продажбата на странскиот пазар, пак, иако имаат многу помало учество во вкупните, имаат огромен раст оваа година, искачувајќи се за првте девет месеци до сума од 27 милиони евра, што во однос на истиот период лани е зголемување за над три пати, или за 232 проценти, покажува најновиот Биланс на успех на компанијата.
Во овој финансиски извештај може да се забележи дека намалување има единствено кај ставката останати оперативни приходи, но тоа се должи на фактот што лани во таа ставка беше прокнижена капиталната добивка на компанијата остварена од продажбата на акцијата во ГА-МА.Сега тој приход го нема, и затоа ако во истиот период лани останатите оперативни приходи на компанијата изнесувале 15,1 милиони евра, во првите девет месеци од годинава тие се на ниво од 3,2 милиони евра, или кај нив има намалување за 79 проценти.
Ова, пак, покажува дека и без капиталната добивка од ГА-МА, нашиот најголем нафтен дистрибутер остварува одлични приходи и финансиски резултат, многу повисок од претходните години, што говори за повеќе од солиден раст и развој на компанијата.
Кога станува збор за оперативните расходи, тие во првите девет месеци од годинава биле на ниво од 436 милиони евра, или има раст од 80 отсто, кој главно се должи на зголемената набавна вредност на трговските стоки. Зголемување има и кај трошоците за суровини, а трошоците за вработените се зголемени за 13 отсто, што укажува дека во компанијата се зголемени платите на вработените, или, пак, имало нови вработувања.
Или, компанијата во првите девет месеци од годинава остварила нето добивка по оданочување од 950 милиони денари, односно 15,45 милиони евра, што укажува на одличен финансиски резултат, и покрај фактот што има благо намалување во однос на истиот период лани, единствено поради ланската капитална добивка од ГА-МА, која сега ја нема во овогодинешниот биланс на успех.
Извор: Фактор.мк






