Сојузот на синдикатите бара да се смени методологијата за корекција на минималната плата и таа да биде 60 отсто од просечната плата во државата, затоа што,тоа е европска тенденција.



Оттаму објаснуваат дека ако не се зел во предвид падот на БДП, новата минимална плата сега би била 15.401 денари, а не 15.194 као што сега ја објави Министерството за труд, а доколку би се пресметала како 60 отсто од ланскиот државен просек на плати, тогаш минималната плата би изнесувала 16.976 денари, а само така, со две минимални плати може да се покрие „минималната синдикална кошница“ која за едно четиричлено семејство изнесува 33.702 денари.

Од ССМ бараат да се прифати недела да биде неработен ден и дека тоа треба да се уреди со Законот за работните односи, како основен и фундаментален закон од трудово-правната област, а не истото право, на различни начини, да се уредува со посебните закони, затоа што тоа ќе доведе до нееднаквост на правата на работниците и ќе предизвика правна несигурност.

ССМ е загрижен за проширување на дејностите кои ќе може да работат во недела, вклучително и дозволување на работа на трговските центри (моловите). Министерот за економија Крешник Бектеши, неодмна обелодени дека моловите ќе работат во недела и по прогласувањето на недела-неработен ден и дека тие се во рамките на Законот за трговија, кој е во надлежност на министертвото што тој го раководи.

Од ССМ и понатаму се залагаат тие што ќе работат во недела да имаат најмалку двојна дневница, а слободен ден да добијат во сабота, или во понеделник. Притоа, тие предложиле, во Државниот трудов инспекторат и во Пазарниот инспекторат, да има  задолжително пријавување на работниците кои ќе работат во недла , за да има контрола дали тие што работат се од дејностите во кои е дозволена недлата и дали за тоа им се плаќа. Потоа, од ССМ бараат и строги инспекциски контроли и регулатива која ќе ги обесхрабри работодавачите да го прекршуваат законот.