ССМ: „Водовод“ ќе штрајкува, директорот Митовски да си замине

Одлуката за штрајк во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“- Скопје едногласно е потврдена на Претседателството на Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално- станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ), соопшти Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ).



Синдикатот СУТКОЗ и ССМ апелираа изминатите денови дека Митовски не смее да раководи со јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје поради тоа што, како што се наведува, не ги исполнува условите и поради тоа што не е способен навремено да ги менаџира активностите во претпријатието.

Потсетуваат дека против него има правосилна судска пресуда за физички напад со ладно оружје со затворска казна, како и специјалистички извештај од невропсихијатар.

Според ССМ, Митовски не се грижи ниту за повеќе од 1.000 вработени кои, како што велат, ги остави без правото на здравствена заштита за нив и нивните семејства.

Очигледно Митовски мора да замине веднаш од функцијата в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, се вели во соопштението од ССМ.