На работниците им е веќе преку глава од партиските препукувања, надмудрувања и лицитирања околу тоа кој отсега ќе биде на власт. Тие си го бараат ветеното, а дел од него е „заглавено“ во Собранието додека трае политичката агонија на државата. Дел, пак, иако одамна ветено, уште не е сработено.
Неделата како неработен ден, новиот закон за работни односи кој треба да ги унапреди работничките права, отписот на казнените камати, зголемувањето на минималната плата, проширувањето на листата на занимања со бенефициран стаж, не можат да мрднат од мртва точка подолго време, а со најновите случувања сосема се изгубени надежите дека тоа ќе се случи.
Поради тоа Сојузот на Синдикатите на Македонија на пратениците им испорача ултиматум: ќе организира генерален штрајк доколку веднаш не ги усвојат сите заглавени законски решенија кои се однесуваат на остварување и унапредување на работничките права и ако не се реализираат и другите ветувања.
-Веднаш да се усвои законското решение за недела неработен ден, онака како што е усогласено меѓу социјалните партнери. Носење нов Закон за работните односи со кој ќе се решат проблемите со договорите на определено време, прекувремена работа, работата од дома и слично, како и итно зголемување на платите, поради ценовниот шок кој предизвика зголемувања животните трошоци, посочуваат од ССМ и додаваат дека дел од нивните барања е и зголемување на минималната плата на најмалку 60% од просечната плата и сите останати плати во согласност со коефициентите на сложеност на работните места утврдени во колективните договори по дејности.
Со предупредување дека ако не се реализира ова членството и сите работници ќе се повикаат на генерален штрајк, ССМ апелира до пратениците пред нивните интереси да го стават интересот на работникот, зошто тој „повеќе не може да ги толерира и трпи овие политички игри“.
Од ССМ додаваат дека работниците се доведени на работ на егзистенција и немаат време да чекаат дополнителни месеци за носење на законите кои директно влијаат на нивната социјална сигурност и работничките права.
-Ако во државата сè застанува за време на кампањи и избори, тогаш и работникот ќе биде принуден да застане и да се исправи пред неправдите кои му се прават. Очигледно дојдено е времето подадената рака на работникот денес, да стане стисната тупаница, предупредуваат од ССМ.
Процесот на донесување на законите со кои недела треба да биде неработен ден за околу 92 процента од вработените во државата, со различни блокади и уцени уште во собраниските комисии се одолговлекуваше долго време, а потоа сопре поради локалните избори. Во сегашните услови речиси и нема надеж дека ќе продолжи. Новиот Закон за работни односи се подготвува повеќе од една ипол година, но никако да го здогледа светлото на денот. Откако се донесе законот со кој на граѓаните ќе им се отпишуваат договорните камати на старите долгови, пратениците дадоа уште едно ветување – ќе се прават измени за да се опфати и онаа поопасната, казнената камата, а ќе се предвиди и застарување на долг. И од таа најава од пред изборите уште нема абер. Голем дел од вработените кои вршат тешки работи чекаат порано да одат во пензија, откако уште пред неколку месеци министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска изјави дека ќе се ревидира листата на занимања со бенефициран стаж. Оттогаш молк и за оваа подгреана надеж. Со актуелниот тек на политичките настани во државата попушта и надежта на стотина илјади работници дека од 1 јануари минималната плата од 15.200 ќе им се зголеми на 18.000 денари, ветување што го даде премиерот Зоран Заев во предизборната еуфорија, месец-два пред да си најави оставка.
На агендата на Собранието за овој месец има две седници – на 15, кога ќе почнат комисиските расправи за предлогот на буџетот за наредната година и на 23, кога ќе заседава Националниот совет за евроинтеграции. На седницата што се одржа во петокот не дојде на ред расправата по дополнетиот предлог за измени за Законот за трговија со кој требаше да се утврдат правилата како недела ќе биде неработен ден барем во тој сектор.
Доколку ССМ ја реализира заканата, во Македонија би можел да се случил помасовен работнички штрајк по подолго време.
Извор: Вечер Прес






