За да се стигне до Охрид и Струга и ова лето ќе мора да се патува и по четири часа, по стар небезбеден пат. Од туристичкиот сектор алармираат дека ако не се забрза довршувањето на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид, целиот регион ќе се претвори во дестинација каде туристите ќе сакаат да поминат само еден или два дена, оценува „Алсат М“



„Погледнете сите земји како автопатски се поврзуваат. Погледајте ја Албанија, Косово, Србија, а Грција и да не зборуваме“, вели Зоран Стрезовски- професор по туризам.

Српската амбасадорка во земјава вели дека српските туристи кои некогаш беа најбројни во регионот, сега побрзо стигнуваат до Халкидики во Грција отколку до Охрид.

„И понатаму доаѓаат српски туристи, но не во оној голем број… Доста е тешко да се дојде до Охрид. Знаете многу е полесно денес да се стигне до Халкидики и тамошните летувалишта отколку да дојдете до Охрид, што не е логично“, рече Душанка Томиќ-Амбасадор на Србија.

Власта ветуваше дека со затоплување на времето ќе се интензивираат работите на автопатот од Кичево до Охрид, но сликата од терен говори дека таму не се работи ништо.