Пратениците на владејачката коалиција и на опозицијата по дводневната расправа за Косово, која заврши доцна синоќа порачаа дека Србија не треба да ја признае независноста на Косово или да се согласи со негов прием во ОН.



Пратениците на вонредната седница расправаа а потоа и го изгласаа Извештајот за преговарачкиот процес меѓу Белград и Приштина од 1 септември 2022 до 15 јануари 2023 година, во кој беше посочено дека приштинската страна сноси единствена одговорност за ескалацијата на кризата во тој период и систематската дискриминација на Србите во Косово.

Од присутбните 186 (од вкупно 250) пратеници, за усвојување на извештајот гласаа 154 пратеници, 23 беа против, а девет не гласаа.

Во дводневната дискусија учествуваше и претседателот Александар Вучиќ кој беше поканет од Владата а се очекуваше по средбата со дипломатската група САД-ЕУ да ги запознае претставниците со француско-германскиот план за Косово.

Вучиќ инсистираше на тоа дека се работи за неформален документ, „нон пејпер“ и дека не треба да се објавува „бидејќи тоа е правило во дипломатијата“, но на опозицијата ѝ понуди во понеделник во неговиот кабинет да им го покаже планот што го поддржаа САД и Е У.

Седницата ја одбележаа бројни контроверзии, меѓусебни обвинувања на претседателот на државата и претставниците на десничарските партии, а во четвртокот беше избегната физичка пресметка кога во салата настана хаос со претставници на опозициските десничарски партии кои се тепаа со владејачките прогресивци, што претседателот на парламентот Владимир Орлиќ (СНС) го оцени како „личен обид“ на шефот на државата.

Видно изнервиран од однесувањето, пораките и обвинувањата на опозицијата, Вучиќ често со повишен тон им се обраќаше на претставниците на опозицијата нарекувајќи ги хулигани, криминалци, дивјаци, крадци, кукавици, а од друга страна го обвинуваа за „предавство на Косово“.

„Никогаш нема да го признаам Косово и не сум за Косово во ОН“, возврати Вучиќ, повторувајќи ја таа реченица три пати по ред.