Српските ЛГБТ активисти ќе маршираат и покрај забраната

Српските активисти за правата на ЛГБТ заедницата и прозападните противници на претседателот Александар Вучиќ соопштија дека ќе ѝ пркосат на забраната на геј парадата во Белград следниот месец, и покрај отпорот на десничарските групи и црквата.



Белград требаше да биде домаќин на Европрајд маршот на 17 септември, настан кој секоја година се организира во некој од европските градови.

Меѓутоа, Вучиќ кажа дека настанот ќе биде забранет наведувајќи ги како причина заканите со насилство на десничарските и ултранационалистичките групи.

„Одлуката на владата за забрана ќе се почитува и никој не треба да си игра со одлуките на државата“, кажа Вучиќ на прес-конференција.

Во неделата илјадници припадници на десничарски и проруски организации, како и Српската православна црква, се собраа во Белград барајќи откажување на маршот. Меѓутоа организаторите, активистите и дел од опозициските пратеници порачаа дека тие сепак ќе учествуваат во маршот.

„Дефинитивно ќе излеземе во прошетка независно од тоа што ќе се случува“, кажа за Ројтерс Филип Вуловиќ, член на организацискиот одбор на Европрајд.

Горан Милетиќ, директор на организацијата Бранители на граѓанските права, кажа дека организаторите на маршот допрва треба да примат официјално известување од полицијата кое мора да биде врачено најмалку 96 часа однапред. Тој кажа и дека Уставниот суд сличните забрани во 2009, 2011 и 2013 година ги прогласи за незаконски.

„Исто така, постои пракса на Европскиот суд за човекови права, во која се наведува дека, ако постои закана за општеството, тогаш таа закана треба да биде елиминирана со соодветна полициска акција“, кажа тој за Ројтерс.