Небојша Зеленовиќ, копретседател на опозициската партија Заедно и пратеник во српскиот парламент, се залага за воспоставување заедничка одбранбена и безбедносна политика на шесте поранешни југословенски републики, како и склучување билатерални одбранбени договори со Македонија и со Црна Гора.



„Верувам дека Србија треба да склучи билатерални одбранбени договори со Црна Гора и со Северна Македонија. Исто така, на предложената меѓународна конференција би требало да се воспостави и цврсто да се гарантира демилитаризацијата на Косово и на Босна и Херцеговина. Тоа е патот за обезбедување трајна непроменливост на сите линии на разграничување во регионот и обезбедување на мирот во ова столетие“, изјави Зеленовиќ за црногорскиот весник „Вијести“.

Според него, прашањето на Косово, само по себе, не е доволно за воспоставување траен мир и стабилност и смета дека БиХ е поголем проблем од Косово, „а и Македонија има свои предизвици“. Тој предлага и отворање дебата за формирање Економска заедница на Западен Балкан.

„Целта е повеќе од 20 милиони луѓе да можат да се движат, населуваат, школуваат, лечат и работат без никакви граници. За да стигнеме до ова, нужно е да бидат решени сите отворени прашања во регионот“, објаснува Зеленовиќ.