Српски медиуми: „Крвавиот 17 февруари во Бојник’, кога бугарските фашисти убиле 600 Срби, од кои 126 деца под 15 години“

„Изминаа 80 години од стрелањето на невиниот народ на Бојник и Драговац, кога, во еден ден, бугарските злосторници убиле околу 600 месни жители, најмногу жени и деца, стари и немоќни луѓе. Меѓу стреланите имало и многу деца, се уште во прегратките на мајките. Беше одржана Меморијална академија по повод сеќавањето на невините жртви од овие стрелања.“ – објави денес белградскиот информативен портал „Б 92“ во информацијата со наслов „Крвавиот февруари во Бојник – 80 години од бугарскиот злостор врз деца, жени и старци“, пренесувајќи ја репортажата на сајтот „Српска историја“

„Српска историја“ ја донесува речта на историчарот д-р Дејан Антиќ, кој на таа Меморијална академија истакна: „Бојник и селото Драговац биле блокирани и на 17-ти февруари бугарските војници започнале со истерување на цивилите од нивните куќи. Бидејќи военоспособното население главно било во шумите, во селата останале само старците, жените и децата. Бугарските војници нив ги тепале со кундаци и ги терале кон селското училиште. Попат пљачкале и ги палеле сите куќи, силувајќи ги жените и девојките. Не ги поштедувале ниту болните, трудниците и децата во колепките. Сите Срби од Бојник и Драговац биле доведени кај селската мелница, покрај реката, каде што ги чекале митралезите. Свирепо биле ликвидирани околу 600 цивили, меѓу кои биле 126 деца помлади од 15 години. Запалени се 1500 згради и е опљачкан сиот подвижен имот. Тоа не бил единствениот злостор на бугарските фашисти. Од пролетта 1942 до летото 1944 година биле спроведувани стрелања низ југот на Србија, но Бојничкиот масакар е секако најмасовниот окупаторски злостор на југот на Србија, извршен во текот на еден ден.Со одобрение на Хитлер Бугарија ги зазеде јужна Србија, врањскиот, пиротскиот и делови од лесковачкиот округ. Во овие области Бугарите вршеа насилна бугаризација на населението.“