Некоилку стотици екстремни националисти синоќа протестираа пред канцеларијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, заканувајќи се дека ќе предизвикаат немири доколку Србија го прифати планот на ЕУ за нормализирање на односите со Косово.
Вучиќ нивните пораки ги нарече „антисрпски“ и рече дека ќе дејствува правната држава.
Демонстрантите носеа транспаренти „Косово-Нема предавање“, извикуваа „Србија-Русија“, а еден од водачите на протестот и на екстремистичката и проруска организација Народна патрола, Дамјан Кнежевиќ, оцени дека владата се плаши од немири, тврдејќи дека тој и неговите поддржувачи се подготвени на порадикални потези.
„Ви се колнам, подготвени сме на повеќе од тоа“, рече Кнежевиќ.
Тој рече дека доколку српскиот државен врв „не успее да го спречи Косово да влезе во ОН“, ќе побара од Москва, Русија да го искористи правото на вето во Советот за безбедност на ОН.
„Бараме од руското раководство да го искористи ветото и да ни даде најмалку еден месец да го отстраниме овој предавник“, рече Кнежевиќ, мислејќи на српскиот претседател чија намера да преговара за планот на ЕУ за Косово, кој е поддржан од САД било предавство на државните и националните интереси.
Неколку десетици демонстранти во еден момент демолираа дел од металните бариери околу зградата во која се наоѓа канцеларијата на Вучиќ, но силните полициски сили, опремени да ги разбијат демонстрациите, ги спречија да се приближат.
Претходно вчера, полицијата соопшти дека во Војводина се уапсени двајца приврзаници на Народната патрола, кои излегле на вечерашниот митинг, а во нивниот автомобил била пронајдена снајперска пушка и муниција.
Медиумите блиски до Вучиќ шпекулираа дека целта им била да го нападнат Вучиќ.
„Сите оние кои се заканувале со убиства, немири, тепање луѓе ќе одговараат согласно законите на Република Србија пред надлежните државни органи“, рече Вучиќ, откако во средата вечерта во неговиот кабинет се сретна со претставници на МВР. Агенцијата за безбедност и информации (БИ) и претставници на воени и безбедносни агенции.







