Бидејќи речиси не постојат мигранти на затворената балканска рута кон Западна Европа, српската војска се повлече од границите со Македонија и со Бугарија.
Сега само полицијата е одговорна за граничната безбедност, објавија медиумите во Белград.
Заедничките сили на Војска на Србија и на тамошното Министерство за внатрешни работи за обезбедување на границата се формирани со одлука на српската Влада на 19 јули 2016 година и оттогаш спречиле нелегално преминување на повеќе од 23.000 илегални мигранти.
Во тој период се спречени 154 случаи на криумчарење на 2.177 лица. Пред правосудните органи се приведени 172 лица, од кои 134 од Србија, 17 од Бугарија и други од Пакистан, Авганистан, Ирак, Холандија, Австрија, Молдавија и Босна и Херцеговина. Притвор од 30 дена им е одреден на 122 лица, а против 39 е поднесена кривична пријава во редовна постапка и тие се бранат од слобода. За две малолетни лоичности е поднесена прекршочна пријава, а за девет лица постапката е запрена.
Војниците беа распоредени како засилување за полицијата на границите со двете соседни земји на Србија, откако околу еден милион бегалци пристигнаа во Германија и во Австрија преку овој транзитен пат во 2015 и 2016 година.





