Срѓан Керим се сретнал со шеф на дипломатија на моќна земја на БРИКС

Деновиве во Загреб, д-р Срѓан Керим, претседател на 62-то Генерално собрание на ООН и поранешен македонски министер за надворешни работи, присуствуваше на прошталната вечера на амбасадорот на Федеративната Република Бразил во Република Хрватска, Мауро Виеира.



Амбасадорот Виеира досега беше бразилски амбасадор во Хрватска, а на 1 јануари новоизбраниот претседател Лула да Силва го именуваше за министер за надворешни работи на Бразил. На вечерата присуствуваа дваесетина истакнати општественици и дипломати од Хрватска и од регионот на Југоисточна Европа.

Министерот Виеира и д-р Керим, инаку долгогодишни пријатели, колеги и соработници, одржале и кратка работна средба, во рамките на работната посета на бразилскиот МНР на Загреб.

Во разговорот министерот Виеира се наврати на покренатите преговори за реформа на системот на Организацијата на Обединетите Нации, усвоени со Одлуката на Генералното собрание број 62/557, донесена за време на мандатот на д-р Срѓан Керим како претседател на ГС на ООН. Соговорниците разменија идеи околу актуелната состојба со реформата и зборуваа за престојниот состанок на Советот на Претседателите на Генералното собрание на ООН, закажана за март во Бахреин.
Значаен дел од разговорот беше посветен на македонско-бразилските односи, а посебно на напорите за внесување на нова енергија во билатералните односи и за натамошната соработка на двете земји во мултилатералата.
Соговорниците се согласија дека ќе го продолжат својот дијалог и во иднина, како и дека ќе работат заедно на изнаоѓање на форуми за дискусија во однос на прашањата поврзани со реформата на системот на ООН, климатските промени и глобалното владеење, се вели во соопштението за средбата.

Бразил е 12 најголема економија во светот и членка на БРИКС.

БРИКС е акроним за групација на водечките светски пазарни економии во развој: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Механизмот на БРИКС има за цел да промовира мир, безбедност, развој и соработка.