Средношколците од Струга и Кичево се враќаат во клупите

„Во среда завршува препораката за онлајн настава во средните училишта во Струга и во Кичево, останува уште една недела за Тетово и за Гостивар. Ќе има состанок на Комисијата за заразни болести за да се евалуира дали евентуално треба продолжување“, соопшти вчера министеротр за здравство Венко Филипче.



Министерот информираше дека бројот на новодијагностицирани се намалува, а мал е бројот на ученици кои се заболени. Според него, ситуацијата спласнува во овој момент, а акцентот во моментов се става на важноста да се вакцинираат и помладите граѓаните.

Надлежните посочуваат дека оваа категорија е помалку заштитена, и токму тие можат да го шират вирусот во своите семејства. Затоа, во четврток ќе се отвори пункт во рамките на кампусот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ каде со кадарот од Универзитетската амбуланта ќе се врши вакцинација и на помладите.

Министерот Филипче потенцира дека вакцините на „Фајзер“ се препорачани и безбедни и за децата од 12 до 18 години.

Инаку, на самиот почеток на новата учебна година, веќе се во изолација неколку паралелки во Велес, Штип и Прилеп поради ученици кои се позитивни на Ковид-19.

Сепак, училиштата засега не се во ризик, дециден е министерот, а доколку се почитуваат протоколите – децата се безбедни.