Средношколскиот сојуз бара учебната година на 1 октомври да почне со комбиниран модел на настава, а не онлајн во општините кои немаат многу заразени со коронавирусот.
Претседателот на Сојузот Бленди Ходаи за МИА изјави дека денешниот протест ќе го почнат во 17.30 часот пред Министерството за образование и наука и оттаму пред Владата.
На протестот покрај средношколци од ограноците на Сојузот низ државата, ќе им се придружат и наставници и родители, а поддршка, како што рече Ходаи, имаат и од Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Иницијаторите на протестот се против наставата да почне онлајн во сите средни училишта, како што е планирано, туку со комбиниран модел односно ротирање на средношколците во класовите на секои два дена (следење на наставата онлајн и физичко присуство) и пристапот да не биде централизиран, туку секоја општина да организира модел според епидемиолошката состојба односно број на заразени.






