Грчкиот портал „Њуз 24/7“ објави дека, ако не се случи нешто непредвидено, на 17 мај во Софија ќе се одржи средба на македонскиот премиер Зоран Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас на маргините на самитот ЕУ – Западен Балкан.
Порталот се повикува на дипломатски извори според кои постигнат е значителен напредок и договор за поголемиот број прашања во разговорите за разликата за името на Република Македонија, а главното несогласување е околу опсегот на употребата на името. Според грчкиот медиум, двајцата премиери имаат отворена телефонска линија, иако разговорите не се објавуваат“.
„Њуз 24/7“ ја издвојува како посебно важна за процесот средбата на министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас в петок во рамките на конференцијата во Сунио, како и заедничкиот состанок со медијаторот Метју Нимиц в сабота.
„Нимиц се чини дека е решен порешително да притисне за постигнување договор“, пишува порталот.





