Средба „Отворен Балкан“ во Тирана, најавени протести

Денеска и утре во Тирана ќе се одржи средба на иницијативата Отворен Балкан, на која е најавено учество на македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама. На оваа средба, меѓу другото, се очекува да биде потпишан Меморандум за работни визи меѓу трите земји.



Пред одржувањето на состанокот Заев, Вучиќ и Рама со отворено писмо ги поканија соседните земји од регионот да ѝ се придружат на иницијативата „Отворен Балкан“.

„Крајно време е сите народи и луѓе во регионот да се обединат за подобра заедничка иднина. Таа која нуди стабилност, мир и подобар животен стандард за сите, се вели во писмото на „Отворен Балкан“, наведоа во писмото.

Но, поранешниот премиер Сали Бериша најави протссти против доаѓањето на Вучиќ во Тирана за кого вели дека е злосторник кој му служел на Милошевиќ. Бериша, инаку, се спротивставува на иницијативата „Отврен Балкан“ за која вели дека е „пакт направен од Рама и Вучиќ“.

Неофицијално, на протестот денеска ќе се приклучеле и граѓани од Косово, чии власти сметаат дека „Отворен Балкан“ го става Косово под српска хегемонија, како што објави министерката за дијалог меѓу Приштина и Белград, Едита Тахири.