Средба на Ќоку од косовското „Самоопределување“ со Таравари од АА: ќе има ли „албанска политичка пролет од Косово“ во Македонија?!

„Беким Ќоку, советникот за Македонија на косовскиот премиер Албин Курти, го посети лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари.“ – објави ТВ 21, пренесувајќи ја неговата објава на фејсбук, во која „предупредува за нови политички случувања во * Македонија и пошироко“. „Со претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, за да се разговара околу новите политички случувања во * Македонија и пошироко.“напиша Беким Ќоку на својот фејсбук-профил, придружувајќи кон текстот и фотографија од заедничката средба со Таравари.



Не е соопштено ништо за какви „нови политички случувања во * Македонија и пошироко“ разговарале стружанецот Беким Ќоку и Таравари, зошто таквата посета и разговори уследуваат токму сега и од која причина објавата на Ќоку е пренесена во медиумите во облик на „предупредување“. Ќоку уште од септември 2019 година истапува не само како политички советник на косовскиот премиер Курти, туку и како политички активист и претставник на „Ветвендосје“ – „Самоопределување“, која е владејачка партија во Косово и чиј лидер е Курти. Што значи, средбата и разговорите на Ќоку и Таравари вчера имале официјален белег и на контакт на албанската партија „Ветвендосје“ – „Самоопределување“ од Косово и албанската партија „Алијанса за Албанците од Македонија.

Во своја колумна под наслов „Албанската пролет во * Македонија започнува од Косово“, објавена на 14 септември 2019 година во информативниот портал „Стругалајм“ Беким Ќоку во својство на застапник на „Ветвендосје“ – „Самоопределување“ има напишано:  „Во * Македонија се врши насилно политичка и културна хегемонија врз албанскиот народ, потчинување, асимилација и политичко-културен диктат врз Албанците. Албин Курти и „Ветвендосје“ влегуваат во еден бунт, за да ги скршат веригите на ропството врз сиот албански народ во * Македонија. Албин Курти чинел напори уште од порано да го обедини албанскиот политички чинител и албанското граѓанско општество. „Ветвендосје“  беше повеќе од остро кон насилството и неправдите врз Албанците во * Македонија.  Албин Курти заедно со други личности од „Ветвендосје“ учествуваа лично во протестот, кој го организираше албанската опозиција во Р*М против насилството и неправдите, кои се вршат во Албанците.“

Во своја колумна со наслов „Движењето ‘Ветвендосје’ во * Македонија“, објавена на 13 јуни 2020 година во информативниот портал на албански јазик „Телеграми.мк“, политичкиот аналитичар Абдула Мемети информира дека партијата на Албин Курти веќе дејствува на политичката сцена во Македонија уште од 2016 година: „Лидерите на Движењето „’Ветвендосје’ од Косово пред два дена објавија дека оваа партија ќе ги прошири своите активности  и во * Македонија. Но, тие дејствуваат на теренот уште од порано, особено во настојувањата за обединување на домашниот албански политички чинител во 2016, во предизборните кампањи на некои албански политички партии и во претседателските избори во 2019 година, заради поддршка за албанскиот кандидат за претседател на Р*М.“

На 17 јуни 2020 година Албин Курти најави основање на движење „Ветвендосје“ и во Македонија. На општествената мрежа  фејсбук веќе постои и е активен профил под име „Ветвендосје“ – Македонија“. Треба да се нагласат и двете доаѓања на Албин Курти во март и август годинава кога тој присуствуваше во Чаир на преименување улица според името на Адем Демаќи, деец за „Велика Албанија“ и во Тетово на митинг на плоштадот кога беше пречекан како „премиер на сите Албанци“ со развиорено знаме на „Велика Албанија“.

Од друга страна, Арбен Таравари како лидер на Алијансата за Албанците во февруари годинава се закани со „радикализација на Албанците“ и со „нови идеи за реорганизација на државата и ако биде загрозена нејзината европска перспектива, во случај Бугарите да не влезат во Уставот“.  Пред една недела Таравари ги повтори заканите: „Ако не се промени Уставот и ако Македонија се одвои на својот ЕУ-пат од Албанија тогаш ќе се побара внатрешна реорганизација на државата и на политичкиот систем, со постоење дводомен парламент.“

Во ваков домашен и регионален политички контекст се одржаа вчера средбата и разговорот меѓу Беким Ќоку и Арбен Таравари. Таравари разговараше како партиски лидер со претставник на косовска партија под име „Самоопределување“, бидејќи таа високо во својата политичка програма и во постојаните активности го нагласува „правото на Албанците за самоопределување на своите територии каде што живеат како автохтон народ, вклучувајќи во Македонија“. Според меѓународното право, правото на самоопределување подразбира и право на отцепување од односната држава, во која живее албанскиот народ.Сега останува да се види дали Беким Ќоку, „предупредувајќи на нови политички случувања во * Македонија и пошироко“ всушност најавил дека ќе уследи „албанска политичка пролет од Косово“ и во Македонија!