Средба на Касами со Диогарди за Уставот, кој лобира во САД „да им се даде повеќе политичка власт на Албанците во РМ, или ќе биде растурена како држава“!

„Претседателот на Движењето Беса  Билал Касами одржа средба со дел од членовите на Советот на Албанско-американскиот граѓански сојуз, предводена од поранешниот конгресмен и познат албанско-американски лобист Џозеф Диогарди. На оваа средба станало збор за актуелните случувања во * Македонија.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија – ИНА во својата информација на Диогарди“. Не е наведено каде и кога се одржала средбата.



ИНА пишува: „Касами ги информирал соговорниците за последните политички случувања. Во средиштето на вниманието биле уставните измени, отстранувањето на 20 отсто’ од него како неопходност од Албанците, последната посета на премиерот на Косово Албин Курти и проектот за патот Тетово-Призрен, но и други прашања од особено значење за Албанците и земјата.

Албанските лобисти од Албанско-американскиот граѓански сојуз нагласија дека овие прашања ќе ги афирмираат кај американската администрација и американскиот Конгрес, бидејќи во следниот период се очекува да имаат многубројни активности во Вашингтон.

Инаку, Џозеф Диогарди е еден од најголемите лобисти за албанската национална кауза во САД. „Македонија нема да може да преживее, ќе биде растурена како држава, ако на Албанците не им се даде повеќе политичка власт. Ако не бидат преземени потребните активности за да живеат 800 илјади Албанци таму, тогаш заборавете ја државата, која се вика Македонија.“ – ова го има кажано кажано Диогарди во интервју за весникот „Зери“ уште пред 8 години и со овие ставови тој истапува за време на сиот свој „мандат“ како албански лобист во САД, особено во последнава деценија.

Диогарди ги користи своите врски како поранешен член на американскиот Конгрес и во САД го поставува постојано прашањето на „уставното подобрување на статусот на Албанците со уставот“, заради нивна „рамноправност со Македонците“. Како „силен сојузник на американската администрација“, како што го прикажуваат албанските медиуми, Диогарди го застапува ставот дека „Албанците во Македонија не успеале да ги остварат своите права како народ, кои им припаѓаат“ и тој бара „американската администрација да го следи случувањата во оваа држава“.

Во едно свое друго поранешно интервју од изминатите години, дадено за информативната агенција ИНА, Диогарди нагласува дека „сево ова ќе се постигне преку усвојување нов устав на Македонија“. „Но, ако тоа не се случи, тогаш ќе уследи претворање на Македонија во федерација, во која би им се дало на Албанците да имаат административна, општествена и финансиска контрола врз нивната судбина како еден дел на таа македонска федерација, составена од Албанци и Македонци“. – има речено Џозеф Диогарди во тоа интервју.

Индикативно е што албанскиот политички чинител од Македонија во содејство со Диогарди и Албанско-американскиот сојуз во САД започнуваат да ги забревтуваат максимално лобирањата кај американското раководство, за да се добие „подобрување на уставно-правниот статус на албанскиот народ“ во Македонија токму во овој период на најголеми притисоци врз неа да го промени својот Устав и во него да ги внесе „македонските Бугари како државотворен народ“, но напоредно со нив и „албанскиот државотворен народ“.