Не сум во Брисел да создавам пречки за ЕУ: Средба Мицкоски – Вархеи

Денес во Брисел делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски се сретна со Комесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеј.



На средбата се разговарало за европските перспективи на земјата како и актуелните случувања во Македонија.

“Државата уште во 2009 година ги исполни сите критериуми за старт на преговорите, но спорот со Бугарија за кој Заев нè убедуваше дека ги затворил сите отворени прашања, претставува непремослива пречка. Она што дополнително загрижува е отсуството на план на Владата за излез од, не само економската, туку политичка криза наметната поради застојот на интеграциите”, објави по средбата Мицкоски кој потенцира дека се забележливи злоупотребите кои власта во Македонија ги прави со европските вредности, а најеклатантен пример е воведувањето на поголеми давачки за граѓаните преку злоупотреба на европското знаменце.

“Таквото однесување нема никаква врска и е спротивно со вредностите на Европската Унија.
Не сум тука да создаваме препреки на патот кон ЕУ туку да создадеме позитивна клима за да државата се придвижи напред, а тоа е можно со чесен и искрен пристап. Патот кон ЕУ нема алтернатива, а сè друго ќе претставува купување на време и нова лажна надеж од Заев”, вели Мицкоски кој оценува дека со посетата на Брисел ВМРО-ДПМНЕ ги потврдила добрите и пријателски односи, како и заложбите за соработка на патот кон ЕУ.