Средба Герасимовски и Богдановиќ – Општината со 90 милиони денари позитивен биланс

Новиопт градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски, вчера го доби уверението за градоначалник на централната скопска општина и го презема раководењето со неа. Имаше и средба со неговиот претходник и сопартиец, Саша Богдановиќ.



„Ги добивме уверенијата за градоначалник и советници на општина Центар. Јас и мојот тим имаме јасна цел и конкретни проекти за нашиот Центар да стане општина на задоволни и среќни граѓани. Во следниот период ќе работиме на решавање на првите три клучни проблеми во општината – хигиената, обезбедување слободни паркинг места и урбано градење, а потоа ќе ги реализираме сите останати во нашата програма. Центар заслужено ќе стане срцето на градот“, пишува градоначалникот на Центар.

Богдановиќ, пак, на пригодната средба, му го предал мандатот и го запознал со тековните состојби во општината.

„Денеска му го предадов градоначалничкиот мандат на новиот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, го запознав со тековните состојби во општината и му посакав среќа и успех во работењето“, вели поранешниот градоначалник на Центар.
Богдановиќ нагласува дека во општината се исчистени сите обврски кон доверителите, а општината има позитивен биланс од 90 милиони денари.
„Сакам да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на советниците во овој четиригодишен мандат кои даваа поддршка на политиките кои ги спроведувавме, на администрацијата која работеше во реализацијата на тие политики и пред сѐ, на граѓаните кои што ни ја дадоа нивната доверба. Се надевам дека и во периодот што следи, новиот градоначалник и новиот Совет ќе работат во интерес на граѓаните. Сите обврски кон доверителите се расчистени, исплатена е катната гаража „Судска палата“, наплатени се побарувања во износ од над 2 милиони евра по разни основи и ја оставаме сметката на Општина Центар со позитивен биланс од над 90 милиони денари“, пишува Богдановиќ.

Тој ги набројува и сите проекти кои за време на неговиот мандат биле сработени впо соработка со градоначалникот Петре Шилегов и Владата.

Извор: Фактор