Србија во мај стартува со производство на „Спутник V“

Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) и српскиот Институт за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ објавија дека постигнале договор за производство на вакцина „Спутник V“, јавија српски медиуми.



Производството може да започне до мај во фабриката во Торлак.

Со ова Србија ќе стане првата земја во Југоисточна Европа што произведува вакцина Спутник V, кои може понатаму да ги извезува во другите земји во регионот, се вели во соопштението објавено на веб-страницата Спутник V.

Директорот на РДИФ, Кирил Димитријев, изрази благодарност до Владата на Србија за постојаната поддршка и доверба во руската вакцина.

„Производството на руската вакцина во Торлак ќе овозможи полесна логистика и ќе помогне во забрзувањето на програмата за вакцинација во земјата”, рече Димитријев.

Српскиот министер за иновации и технолошки развој, Ненад Поповиќ, им се заблагодари на претседателот на Русија, Владимир Путин, руската влада и РДИФ за поддршката во зачувувањето на здравјето и животот на граѓаните на Србија, се наведува во соопштението.