Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за босанскиот весник „Дневни аваз“ го промовира проектот „Отворен Балкан“, најавувајќи целосно бришење на границите меѓу Србија, Македонија и Албанија за слободно движење на нивните граѓани.
„’Отворен Балкан’ е можност за сите да заработуваат повеќе. Ова самите го правиме и сами одлучуваме“, изјави тој, додавајќи дека не ја гледа смислата за неговото одбивање и оти не чул ниту еден аргумент против.
„Имате меѓународно утврдени граници, значи меѓународно признати земји. А вие со тоа им овозможувате на Бошњаците кои од Нови Пазар, Сјеница, Тутин секогаш би доаѓале во БиХ и обратно. Имате голем број Срби кои од Биелина, Бања Лука би оделе за Белград без граници и обратно. Сето тоа би им значело на нашите економии“, објаснува Вучиќ за „Дневни аваз“.
Претходно, шефот на српската дрќава во авторски текст за весникот „Политика“ напиша дека првпат на Балканот се покренува нешто добро за целиот регион, оценувајќи дека договорите потпишани во Скопје се „историски“ и оти „историски ќе бидат и нивните резултати“.
Иницијативата би требало да стапи на сила на 1 јануари 2023 година и е замислена како некој вид балканска верзија на Европската унија и на Шенген за непречен тек на луѓе, стоки и инвестиции меѓу земјите-членки.






