Наспроти најавите за одмазда за поразот и „летањето орли“ на претходното Светско првенство во Русија од Албанците во фудбалската репрезентација на Швајцарија, Џердан Шаќири и Гранит Џака, Србија загуби во меѓусебниот дуел и на мундијалот во Катар со 3:2 и го заврши настапот со само еден освоен бод.
По 35 минути игра Србите имаа водство од 2:1 и пласман во осминафиналето по пресвртот со головите на Митровиќ и на Влаховиќ, откако Шаќири го отвори резултатот, но Емболо на истекот од првото полувреме и Фројлер во почетокот од второто додадоа сол на српската фудбалска рана.
Покрај Швајцарците, кои во првиот елиминациски круг одат на Португалија, во следната фаза и пред последното коло во групата Г веќе беше Бразил, па си дозволи и пораз од 1:0 против Камерун, за кој погоди Абубакар во втората минута од судиското продолжение, доволно, сепак, само за третото место во групата.
„Кариоките“ во осминафиналето за противник ќе ја имаат Јужна Кореја.






