Европската унија со нетрпение го очекува гасот што ќе протече низ новиот гасовод во следната грејна сезона, изјавил евроамбасадорот во Србија, Емануел Жиофре, кој со тамошната министерка за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ ги посетиле работите во Јелашница по повод изградбата на гасоводот Ниш – Димитровград – Бугарија. По тој повод бил најавен и почеток на работата на проектот за новиот гасовод меѓу Србија и Македонија.
Министерката Ѓедовиќ во Ниш рекла дека се работи на најтешката делница каде гасоводот го минува автопатот и најави дека проектот ќе биде готов наесен, кој, како што рече, ќе биде од стратешко значење за енергетскиот сектор поради до можноста за снабдување со гас од повеќе извори.

Во таа прилика, таа потенцира дека е започната работа на изградбата на гасоводот што ќе ја поврзе Србија со Македонија.
- – Изградбата на гасната интерконекција Србија-Бугарија има и регионално значење, поради што имаме силна финансиска поддршка од ЕУ за овој проект. Паралелно со реализацијата на овој проект, започнавме со подготовка на просторно-техничка документација за уште еден важен проект за диверзификација на гасот на Србија, а тоа е изградба на гасна интерконекција меѓу Србија и Македонија, рече Ѓедовиќ.
Овој проект постојано се наведува како значаен за диверзификација на снабдувањето со гас за Србија, а уште во ноември 2021 година министерот за економија Крешник Бектеши и тогашната српска министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ се договорија за формирање работна група за изградба на гасна интерконекција меѓу двете земји, која ќе биде раководена од претставници на соодветните министерства.
Директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ повеќепати ја потенцираше важноста од изградбата на интерконектор Србија – Македонија.
- – Мораме да го изградиме и интерконекторот кон Северна Македонија, тоа е европско барање. Нашата идеја е да го гасифицираме и Лесковац. Во Врање треба да се изградат две огромни фабрики, рече Бајатовиќ.
Со изградба на гасна интерконекција со Македонија, Србија ќе може да се поврзе со Јужниот гасен коридор.





