Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека руските безбедносни служби имале информации за подготовка на немири во Србија.
Брнабиќ потсети дека уште пред изборите предупредила дека дел од опозицијата со насилни средства ќе се обиде да ги оспори резултатите од изборите и да ја преземе власта во Србија, што кулминираше со вечерашниот напад на градското собрание во Белград, пренесе Политика.
Премиерката се заблагодари затоа што руските безбедносни служби ги споделија информациите до кои дошле со нивните српски колеги.
„Ова веројатно нема да биде популарно кај оние од Западот, но особено вечерва чувствувам дека е важно да се брани Србија и да им се заблагодарам на руските безбедносни служби кои ги имаа овие информации и ги споделија со нас“ – рече Брнабиќ.
Српските државни власти потоа ја споделија таа информација со други претставници на меѓународната заедница, кои ја отфрлија како руска дезинформација.
„Сите останати велеа дека тоа е дистрибуција на лажни вести“ изјави Брнабиќ.