Србија била „уценета“ да гласа за суспензија на Русија од УНХРЦ, кажа Вучиќ

Ја уценуваат Србија, не мене лично,. изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по вчерашното гласање во ОН против Русија, пренесе Танјуг.



Резолуцијата иницирана од САД доби 93 гласа „за“ во четвртокот, додека 24 земји гласаа против, а 58 беа воздржани.

Србија на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации гласала за суспензија на Русија од Советот за човекови права на ОН бидејќи била уценувана, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ на РТС кажа дека примарна одлука на Србија била да се воздржи, но во тој случај би следувал силен притисок од двете страни.

Тој појасни дека Европската унија ја одложила одлуката за увоз на нафта во Србија за 18 часот, за да се види како ќе гласа Белград на седницата на ОН која почнала во 16 часот.

Вучиќ оцени дека над Србија во секој момент „лебди“ закана со санкции и запирање на европскиот пат поради односот кон Русија, повторувајќи дека Србија е единствената земја во Европа која нема воведено никакви рестриктивни мерки против Русија и дека „ќе гледа така и да остане“.

Тој изјави дека вчера разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за гасот, нафтата и Нафтената индустрија на Србија (НИС) која е во мнозинска руска сопственост, како и за конфликтот во Украина.

-Разговорот беше добар и коректен, иако не можам да бидам целосно отворен од разбирливи причини. Не можам и нема да прифатам Путин да го нарекуваат Хитлер или лудак, некој што се однесува хистерично.