Албанскиот претседател Илир Мета жестоко одреагира на одлуката на американскиот Стејт департмент да го стави на црната листа некогашниот шеф на државата и експремиер Сали Бериша поради „корупција, злоупотреба на фондови и поткопување на демократијата“.
„Тоа е срамен, нечесен и одвратен чин“, коментира Мета, кому владејачките социјалисти му подготвуваат смена, обвинувајќи го „антиалбанското лоби“ за овој потег на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Бериша, еден од најмоќните политичари во Албанија во последните три децении, најави дека пред францускиот суд ќе го тужи Блинкен за клевета поради забраната за влез на територијата на САД.
Стејт департментот, пак, наведе дека реториката на Бериша покажува дека сака да се заштити себеси, членовите на семејството и политичките сојузници на штета на независните институции и на бробата против корупцијата.
Покрај претседателот на Албанија од 1992 до 1997 година, влез во САД им е забранет и на неговата сопруга Лири Бериша, на синот Шкељзен и на ќерката Аргита Малтези.






