Шефот на Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина во понеделникот предупреди дека властите на земјата мора да покажат дека се во можност да управуваат со мигрантската криза затоа што тоа е критериумот што ќе одлучи за нејзиниот евентуален статус како кандидат за членство во ЕУ.
Во интервју објавено од Дневни аваз, Јохан Сатлер рече дека мигрантската криза во БиХ е всушност криза на администрацијата и ефикасноста на властите во таа земја, додавајќи дека земјата е обврзана да најде решение за сместување на околу 7.000 илегални мигранти.
Неговото предупредување доаѓа во време кога стотици мигранти со денови престојуваат на каллива ливада кај селото Липа во околината на Бихаќ, бидејќи таму нема услови за нивно сместување освен воени шатори.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) проценува дека има до 3.000 мигранти кои живеат во импровизирани засолништа или шуми во округот Уна-Сана.






