Според Шекеринска, членството во НАТО ни донело „поволна“ еврообврзница?!

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која од уста не го вади НАТО, го поврза членството на Македонија во Северноатлантската алијанса и со „поволната“ еврообврзница од 700 милиони евра.



„Не е случајно тоа што новата еврообврзница ја издадовме со историски најниска камата од 1,625 проценти – тоа е резултат на таа политичка порака на гарантирана безбедност“, тврди заменичката на претседателот на СДСМ во интервју за МКД.мк.

„Во извештаите од Светската банка, кои беа многу важни во процесот на обезбедување дополнителни финансиски средства за справување со ковид-кризата, тие прогнозираа побрзо заздравување на македонската економија токму поради членството во НАТО и очекувањето да почнат преговорите со ЕУ. Таквите извештаи потоа влијаат на кредитните рејтинзи, а рејтинзите ни помагаат или одмагаат кога ќе побараме дополнително финансирање, неопходно во услови на криза, од меѓународните финансиски институции и банки“, објасни Шекеринска.