Според моќност македонската армија на 108 место во светот

 

Рангирањето на вкупно 145 нации во светот од аспект на нивната воена моќ е објавено на интернет-страницата „Глобал фајрпауер“, која е специјализирана за ваков тип анализи.



Моќноста се рангира според повеќе карактеристики како воената моќ, финансиите, логистиката, како и силата и големината на војската. Листата е направена врз основа на конвенционалното оружје, додека нуклеарните капацитети не се земени предвид.

Најмоќна во 2023 година, е војската на Соединетите Американски Држави. По неа е војската на Руската Федерација, а треторангирана е армијата на Кина. На четвртото место е војската на Индија, а армијата на Велика Британија го зазема петтото место по моќност во светот. Од шестото до десеттото место на ранг-листата се Јужна Кореја, Пакистан, Јапонија, Франција и Италија.

Од земјите од регионот најдобро рангирана е грчката војска која го зазема 30. место. Србија и Бугарија се рангирани на 58. и 59. место според моќта на војската, а армијата на Хрватска е позиционирана на 69. место. По нив следуваат војската на Словенија на 86. место и армијата на Албанија на 91. место.

По 108. место на кое е рангирана војската на Македонија, следуваат војската на Црна Гора на 128. позиција и војските на Босна и Херцеговина и Косово на 133. и 134. место.