„Ако ние велиме дека прашањето на малцинствата е внатрешно прашање на една држава и дека секое споменување на Македонците во Егејска Македонија значи мешање во внатрешните работи, тогаш ние имаме сериозен етички проблем“, изјави денеска кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска на средба со претставници на Сојузот на Македонците од Егејот.



Силјановска вели дека за жал, оваа држава не собра сила, не најде начин погласно да прозбори за егејската одисеја, за Македонците од Егејскиот дел, кои денеска се распослани по светот и повторно загрижени.

„Не знам дали тогаш им било потешко или сега. Јас можам да ги сослушам, да ги разберам. И претходно сум се обидувала тоа да го сторам“ рече Силјановска.

Професорката по Уставно право вели дека на прашањето треба да се гледа низ светлината на европските документи за правата на малцинствата.

„Тоа е Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата и Конвенцијата за регионални малцински јазици. Грција ја има потпишано Рамковната конвенција, но ја нема ратификувано. Грчки професори препорачуваат да ја потпише и Конвенцијата за регионални малцински јазици, и да ги ратификува двете. Јасно обзнануваат дека во Грција имало и има малцинства, ама се чини дека проблемот не е грчки, туку е и македонски“, вели Силјановска.