Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“ која беше формирана од Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 година бара маркичките за објектот „Шпански скали“ да се избришат,  Мајка Тереза и Портата да се урнат, а сите спомениците да се прикажат во планот дека постојат и во него да се предложат мерки за нивна дислокација.



Исто така, се бара на фасадите на дел од зградите во централното градско подрачје кои добија барок изглед да им се врати претходната фасада и да се отстранат галиите во Вардар.

За да биде планот Мал ринг во согласност со Уставот и законите, како и да се отстранат спомениците и објектите од „Скопје 2014“, Работата група ги доставила следниве забелешки до Општина Центар:

1. Сите споменици што се изградени во планскиот опфат во периодот 2007 – 2016 , како и оние што се во градба, треба да се регистрирани како постојни градби и да бидат во планот нацртани со геодетска линија како дел од постојната состојба и геодетската подлога.

2. Предметните незаконски споменици треба да бидат нумерирани и обележани како постојни споменици во графичкиот дел од планот, додека во текстуалниот дел од планот, во Општите одредби за спроведување, треба да стојат со број и опис, по кој треба да се формулира општата планска одредба дека со планот се предвидува нивно дислоцирање и доведување на јавните површини во првобитна состојба.

3. Забелешките од точките 1 и 2 особено се однесуваат на споменикот на Мајка Тереза и Порта Македонија, кои на најбрутален начин се ставени среде сообраќаен коридор, за коишто спротивно на Устав и закон се формирани градежни парцели на сметка и во земјиште за општа употреба – градска. Овие споменици не смеат да бидат со формирана градежна парцела и услови за градење во предлог-планот, туку само со геодетска линија, како постојна состојба.

4. Под истиот третман мораат да бидат и т. н. „Шпански скали“, со геодетска линија што ја опцртува катастарската парцела на незаконски отуѓената и приватизирана јавна површина. Таму во планот не треба да има ништо друго освен јавна плоштадска површина.

5. За случаите од точките 3 и 4 од овие забелешки, уредувањето на планските одредби со кои во планот се предвидува враќање на статусот на јавната улична површина и нејзино доведување во првобитна состојба, треба да се помести во текстуалниот дел од планот и во Општите и во Посебните одредби за спроведување на планот.

6. Галиите во коритото на реката Вардар треба да бидат обележани (со нумерација и опис во легендата) и за нив во Општите одредби за спроведување на планот треба да се одредат плански одредби за нивно отстранување, поради незаконското градење (без хидротехничка студија што ја докажува нивната безбедност) и поради фактот што драматично ја нарушуваат јавната безбедност и ги зголемуваат ризиците од поплавување и разурнување во центарот на градот. Во Општите одредби за спроведување на планот треба да се уредат мерки за ревизија на сите други објекти во коритото на Вардар, незаконски изградени во предметниот период на реализација на „Скопје 2014“ и отстранување на оние што ги зголемуваат ризиците од плавење како и другите што и пречат на основната функција на коритото или на друг начин се спротивни на законот.

7. Во Општите одредби за спроведување на планот треба да има дел што ќе одреди мерки за враќање на оригиналните фасади на згради што имаат големо значење како културно наследство и високи архитектонски квалитети, како што се зградите на бивша НАМА, ЕВН, МЕПСО.