Главниот осомничен за организирање на киднапирањето и за извршување на убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, Љупчо Палевски, е уапсен во турскиот град Баликесир од западниот регион Мармара, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вечерашната вонредна прес-конференција.
„По добиено известување од Турција креаторот, планерот, главниот координатор и директен извршител е фатен и лишен од слобода на нивна територија, идентично со нашите оперативни сознанија на патеката на движењето“, изјави Спасовски.
„Со ‘шкода суперб’, Палевски е однесен во Белград и оставен во хотел. Потоа со ‘ленд ровер’ е пренесен преку Бугарија во Турција во градот Баликесир. Нашите полицајци стапуваат со нивен оперативен извор, а ова лице ги известило дека од таму сакал да замине во Истанбул. Се подготвува и со такси треба да замине во Истанбул. Тука е негово симулирање дека оди во Истанбул, но останува во Баликесир. Попладнево од страна на колегите од турската полиција е уапсен додека се движел пешки по еден од автопатите во Баликесир“, ја опиша министерот траекторијата на движењето на првоосомничениот за двојното убиство што ја потресе Македонија.
Одговарајќи на прашања на новинарите, Спасовски обелодени дека Ѓорчевска починала од прострелна рана, а не од задушување при транспортот во вреќа за спиење од нејзиниот дом до местото на ликвидацијата во близината на Скопје.
Министерот уште додаде дека се пронајдени два пиштола за кои постои сомневање дека се користени во убиствата и кои се вештачат.






