Поднесена една кривична пријава за насилство во случајот со блокада на ЈП Комунална хигиена-Скопје, а „доколку се утврдат елементи на кривично дело за сите сторители коишто придонесоа главниот град да се дави во смет, можно е да бидат поднесени кривични пријави согласно со доказите коишто ќе бидат прибрани“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.



Спасовски рече дека очекува денеска да биде доставен записникот од Инспекторатот за заштита на животната средина, комуналниот инспекторат и инспекторите од Градот Скопје за да се видат нивните наоди.

Запрашан колку кривични пријави се поднесени до МВР за вработени во „Комунална хигиена“ кои земале плата, а не доаѓале на работа, и дали пријава ќе има и за директорката Косана Мазнева доколку тоа го толерирала во изминатиот период, министерот со одговор дека кривичните пријави се доставуваат до ЈО и ако има доставено копија и до МВР и по нив ќе се постапува бидејќи и тука, рече, треба да се приберат сите тие докази.

„Меѓутоа, ако имало недоследности во работењето, ако имало давање плати на лица коишто биле со договор вработени, а не доаѓале на работа и биле злоупотребени буџетски средства, секој еден за оваа работа ќе сноси одговорност. Значи, тука нема да имаме отстапка и нема да има никогаш за ниту една ситуација отстапка, а мислам дека ова треба да биде санкционирано за, конечно, да се стави крај на политикантство и на игри коишто се случуваат на грбот на граѓаните, а овде е на грбот на здравјето на граѓаните“, рече Спасовски.

Тој истакна дека ни Скопје, ниту граѓаните на Скопје, не го заслужиле тоа што се случувало во изминатите денови односно, како што рече, „хуманитарна еколошка катастрофа која што го загрозува здравјето и животот на граѓаните“, без оглед која е причината.