Спасовски: Дојавувачите на бомби ги чека обвинение за тероризам

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека група македонски државјани набрзо ќе добијат кривични пријави за тероризам и ќе одговараат за лажните дојави за бомби во училиштата и други објекти.



„…Веќе поднесовме една кривична пријава против еден малолетник и практично навлегуваме во една група на лица коишто учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат и токму користењето на VPN адреси итн и сме во позиција за која за многу скоро време целата таа група ќе биде комплетно разоткриена, ќе бидат поднесени кривични пријави за делото тероризам“, вели Спасовски во неделното интервју за Радио слободна Европа.

Министерот вели дека имало добра подготовка и соодветнми мерки за откривање на дојавувачите:

„… Индикативно е како од моментот на донесувањето на новите протоколи од утредента имаме сериозно намалување или престанување на дојавите. Тоа само укажува дека интензивно се работеше не само кон подготовка на процедурата, туку и во делот на истрагите. И ние само ја детектиравме таа криминална група која се занимаваше со ваквите дојави, за голем дел од дојавите за поголем временски период и за повеќе институции во коишто беа дојавите.

Секако дека постои и другата тенденција, а тоа е геостратешките интереси коишто се испреплетуваат во државата“.

Спасовски, во интервјуто тврди дека дојавувачите на бомби биле македонски државјани.