Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција не сакаше да коментира дали ќе биде дел од составот на новата Влада.
– Ништо нема да коментирам, а за сите идни случувања во овој дел ќе донесам дополнителна одлука, изјави министерот.
Собранието денеска ја констатираше оставката на Зоран Заев на премиерската функција, што повлекува и оставка на целата Влада.
По констатирањето на оставката, се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски.
Претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.







