Спасов: На Лаен да ѝ се предложи одложување на „Бугари во Устав“ и отворање преговори РМ-ЕУ, заради поддршка на проевропските сили на изборите!

„На претседателката на Европската комисија Урсула Лаен треба да ѝ се предложи да се одржи втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, на која ќе бидат отворени поглавјата, а внесувањето на Бугарите во Уставот да се одложи до третатата таква конференција. Владата се обидува да го одржува оптимизмот дека ќе обезбеди до тогаш двотретинско мнозинство за промена на Уставот, но јавно не се гледаат причини за таков оптимизам, освен некоја надеж дека преку ноќ и без некоја посебна причина опозициските пратеници ‘ќе сфатат за што станува збор’ и оти ќе го сменат своето мислење за отпор кон промените.“ – вели универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Ѓорѓи Спасов во својата колумна со наслов „На Фон дер Лаен во Скопје  може да ѝ се понуди компромис, во кој сите добиваат“, која ја објави  „Независен весник“.



Покрај другото, Спасов пишува: Останува многу малку време до декемврискиот самит на ЕУ, до кога треба да биде извршена промената на Уставот, како услов за одржување на втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, на која би се започнало со отворање на поглавјата. Но, изјавата на претседателот Пендаровски дека не гледа можност за обезбедување двотретинско мнозинство за промена на Уставот во овој состав на Собранието го става ова прашање веќе надвор од актуелната расправа, и покрај сите оптимистички изјави.

Македонија реално во овој момент се соочува со сериозна криза на довербата во власта, со криза на довербата во нејзините преговарачки капацитети, но и со криза на довербата во ЕУ. Промените се блокирани со барањето на опозицијата „Избори, па потоа ќе видиме што ќе правиме“. Зошто да не биде можно одржување на втората конференција меѓу ЕУ и Македонија на која ќе отпочне отворањето на поглавјата во декември, без промена на Уставот сега и со обврска Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот пред одржувањето на третата конференција и пред отворањето на другите поглавја? Преговарачката рамка сигурно не е библија која не трпи било какви промени и интерпретации.

Зошто би се согласила Бугарија со тоа? Без внесување на Бугарите во Уставот и без отворање на поглавјата Бугарија го губи клучниот инструмeнт за остварување на своите јавни и скриени интереси во Македонија. Со својата политика Бугарија освен што направи граѓаните во Македонија да ја сметаат за нивен најлош сосед и непријател, ризикува да ја изгуби можноста за какви било разговори и за влијание во Македонија понатаму.

Во нејзин интерес би било, и во интерес и на ЕУ, да се согласи на самитот на ЕУ во декември  и без промена на Уставот да биде одржана втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, на која ќе бидат отворени поглавјата и ќе започнат преговорите за членство во ЕУ, а внесувањето на Бугарите во Уставот да се одложи до третатата меѓувладина конференција.

 Со прифаќање на оваа измена во преговарачката рамка Бугарија ништо не губи, Македонија продолжува со преговорите, ЕУ го продолжува проширувањето, а идната Влада добива можност да покаже за што е способна во натамошниот тек на преговорите за членство во ЕУ. Обидот може да биде направен преку Урсула фон дер Лаен, која кон крајот на месецов доаѓа во Македонија, можеби преку Емануел Макрон кој побарал да ја посети Македонија и преку германскиот канцелар Олаф Шолц кој изјави дека „ЕУ мора да го награди напредокот на Македонија“.

Тоа би бил и компромис меѓу оние кои бараа внесувањето на Бугарите во Уставот да се случи непосредно пред приемот на Македонија во ЕУ и оние што прифатија тоа да биде услов за започнување на преговорите. Само ваков вид тектонски промени би можеле да го решат овој проблем, освен ако има некои тајни формални или неформални разговори меѓу власта и опозициски пратеници, кои одат во насока на решавање на овој проблем преку убедувања, помилувања и корупција.

ЕУ и Бугарија треба да се запрашаат дали ќе ги подржат проевропските сили на Македонија на наредните избори, или со својата ригидност ќе им дадат шанса на оние, кои го блокираа процесот на интегрирање на Македонија во ЕУ и кои во Бугарија се оценети како антибугарски.

Со одложување на преземената обврска на Македонија за внесување на Бугарите во Уставот ЕУ ќе им даде можност на проевропските сили во Македонија да формираат Влада по следните избор и да се спречат националистичките и суверенистички партии во Македонија да го водат главниот збор во врска со проширувањето по изборите. Тоа би бил доказ дека ЕУ не го сметала за залуден целиот напор на Владата во овој период за обезбедување на двотретинско мнозинство и до одржувањето на изборите во Македонија ќе го направи неважно противењето на опозицијата за промена на Уставот.