„За личните цели мислам дека ниту е време, ниту има простор сега да разговараме затоа што државата и граѓаните се пред сѐ“, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во денешното интервју за Радио Слободна Европа.



Спасовски смета дека во фокусот треба да биде остварување на заложбите за интеграција на земјата во Европската Унија и на ветувањата дадени кон граѓаните, но потенцира дека е нормално секој политичар да има стремеж за повисока позиција.

„Јас нема да бидам во политиката ако немам политички амбиции и сум долго време тука, меѓутоа политичките амбиции на еден политичар не значат амбиции за остварување на лични цели“’ вели министерот.

„Моите политички амбиции се да ги оствариме целите на државата.  Исто како кога како премиер бев дел од потпишувањето на протоколот за членството во НАТО или подигањето на македонското знаме пред НАТО.

Следната цел која силно ја посакувам е токму членството во ЕУ да бидеме дел од големото европско семејство, да дадеме сериозна шанса на младите луѓе, тие коишто ќе бидат тука и ќе ја градат Македонија. Така што, тие се моите цели“, вели Спасовски според кој сега не е време да се зборува за неговите лични цели.