Откако експертите со месеци бараа власта да направи нешто со набавка за енергенси за престојната зима претседателот Пендаровски објави дека Македонија и преку институцијата претседател и преку министерството за надворешни работи ја моли ЕУ за помош во струја.
,,Како и во времето на КОВИД, за вакцините, така и сега, поради енергетската криза, ќе ја замолиме ЕУ за сличен пристап. Ние замоливме и преку нашето МНР тоа го правиме. Станува збор за криза без преседан. Земјава е високо зависна од увоз на енергенси и многу ќе ни значи, не само нам, туку на сите во регионот, ако ЕУ од своите фондови за вонредни ситуации одвои помош и за Западен Балкан”, рече Пендаровски на заедничката прес-конференција со словачката претседателка Зузана Чапутова, одговорајќи на новинарско прашање.
Според шефот на државата, за енергијата, како земја која почна преговори со ЕУ имаме поинаков статус и поголемо право да очекуваме поддршка иако се уште не сме членки.
Чапутова не даде никакво конкретно ветување за барањето на Пендровски.
Таа во овој контекст потсети дека Брисел алоцираше средства за Македонија во процесот на транзиција и има посебен вид помош за земјава од ЕУ. Конкретно, за енергетската криза, и словачката претседателка се согласи дека тоа е најголемиот проблем во моментов и треба да се бараат различни пристапи за дивезификација, но и да се размисли за зголемување на енергетската ефикасност, како и за максимално искористување на обновливите извори на енергрија.
,,Секоја од земјите е приморана да бара нови солуции. И ние сме скоро целосно зависни од енергетските ресурси на Русија, но бараме нови и добро ни оди во тој дел”, истакна Чапутова.





