Спахиу: Половина милион жители на Косово ќе заминат во Западна Европа годинава

Откако од 1 јануари 2024 година граѓаните на Косово можат без визи да патуваат во 27 земји од Шенген зоната, се очекува голем миграциски бран.



Политичкиот аналитичар и професор Неџмедин Спахиу изјави дека по стапувањето во сила на визната либерализација околу половина милион жители на Косово годинава ќе заминат во земјите од Западна Европа.

„Речиси секое семејство од „Косово“ има барем еден член кој живее и работи на Запад. Во Косово платите се многу ниски, а невработеноста е висока, па многу млади луѓе својата иднина ја гледаат во развиените земји од Западна Европа. Очекувам оваа година околу половина милион жители на Косово да заминат на Запад“, изјави Спахиу за српската агенција Бета.

„Визната либерализација ќе предизвика пресврт во Косово. Заминувањето на голем број млади луѓе ќе влијае на косовското општество во многу области. Исто така, се очекува значителен број пензионери да го напуштат Косово и да заминат да живеат со своите деца на Запад“, рече професорот.

Покрај социјалните и економските причини, смета Спахиу, многумина ќе го напуштат Косово и поради стравот од војна.

„Стравот од војна ќе постои додека целосно не се спроведе француско-германскиот план. Поради стравот од војна, значително помалку луѓе дојдоа на Косово од Запад за новогодишните празници отколку во претходните години“, рече тој.

Визната либерализација им овозможува на граѓаните Косово кои имаат биометриски пасоши да останат до 90 дена, во период од шест месеци, во која било од 27-те земји членки на Шенген зоната.