
Новиот закон за амнестија со кој треба од затвор да бидат пуштени осудениците на шест месеци и за 30 отсто да им се намалат казните на затворениците за лесни кривични дела, не „помина“ на владината седница, брифираат за „Слободен печат“ од Владата. За законот била отворена дискусија и било заклучено дека тој „треба да се усогласи со надлежни институции“.
Висок владин функционер брифира дека амнестијата не поминала, бидејќи нема коалициска усогласеност меѓу владините партнери. Истиот извор додава дека законот нема да пројде додека министерот за правда Кренар Лога не седне со премиерот Димитар Ковачевски за да се усогласат ставовите на владините партнери СДСМ и Алијанса за Албанците.
За законското решение има отпор и кај пратениците на СДСМ, особено по бурните реакции во јавноста за измените на Кривичниот законик (КЗ). СП дознава дека се бара да се усогласат ставовите за кои дела треба да важи амнестијата, кој сè треба да биде амнестиран, како и за тајмингот за усвојување на законот.
Иако беше најавено од министерот Лога, Владата не го разгледуваше законот за амнестија ниту минатата недела. Образложението беше дека Министерството го повлекло за дополнително усогласување. Дилемата е и дали Ковачевски со тоа што не дава виза за законот за амнестија му го возвраќа ударот на Лога, кој и по три месеци убедување одби да се потпише на измените на КЗ, по што законот во Собранието го бранеше заменичката Викторија Аврамовска Мадиќ.
„Војната“ помеѓу владините партнери изби откако високи функционери од СДСМ брифираа дека освен амнестија за лесни кривични дела, ако има гаранции од ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, со новиот закон треба да бидат опфатени и осудените за „27 април“ како и тие за изборни нерегуларности. Со ова не се согласија од Алијансата, бидејќи поранешниот лидер на партијата, Зијадин Села во „крвавиот четврток“ едвај спаси глава. Пратеникот Халил Снопче во изјава за „Слободен печат“ порача дека ако има амнестија за „27 април“ ќе нема Влада. Во гостување на ТВ 21 поранешниот лидер на Алијансата и пратеник, Зијадин Села вели дека неговата партија не учествувала во преговорите за враќање на поранешниот премиер и бегалец Никола Груевски.
Целиот текст на Слободен печат на следниот линк:





