Во тек се интензивни комуникации за окрупнување мнозинство до 80 пратеници за да почне процедурата за измени на Уставот за влез на Бугарите во него, брифираат за „Слободен печат“ високи владини функционери откако некои партнери од власта не ја исклучија можноста наместо на референдум, партиите да одат на избори.



„Не планираме ни избори ни реконструкција на Владата, туку сакаме да го зголемиме мнозинството. Намерата е во овој мандат Уставот да се отвори“, вели висок функционер од власта.

Од власта тврдат дека мнозинството е стабилно а математиките на власта се дека мнозинството што го поддржа францускиот предлог, вклучително со целиот албански парламентарен блок, брои 74 пратеници и дека недостасуваат уште шест за двотретинско мнозинство за промена на Уставот.

Според информации од власта, веќе се прават комуникации со пратеници од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување двотретинско мнозинство.

Од власта се уверени дека ќе обезбедат мнозинство за Уставот полесно отколку за Преспанскиот договор.

Сметаат дека во ВМРО-ДПМНЕ има „проевропско“ крило кое ќе гласа „за“, а веруваат дека дополнително ќе расте и притисокот од Брисел и од Вашингтон кон опозицијата да не го кочи процесот на официјален почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пак, тврди дека предвремени избори ќе нема и дека мнозинството е стабилно, со индиции да расте во следниот период.