Премиерот во оставка Зоран Заев утре на средбата со лидерот на „Алтернатива“, Африм Гаши во Клубот на пратеници ќе се појави со новиот мандатар и веројатно кандидат за лидер на СДСМ, дознава ТВ21.



Претходно, Слободен печат ексклузивно објави дека нема да има реконструкција на владата, туку „нова влада со нов премиер“.

„По окрупнувањето и зацврстувањето на парламентарното мнозинство, кое се очекува да се случи наскоро, премиерот Зоран Заев ќе ги активира оставките што ги најави – и на функцијата премиер и на лидерската во СДСМ.

Според ова засега неофицијално сценарио за развојот на настаните, по официјализирањето на оставките ќе следува избор на нов лидер на СДСМ, а тој ќе биде и мандатар за состав на новата влада“, вели извор на Слободен печат.

Во таков случај, со оставката на премиерот Заев, во оставка ќе биде и целата Влада. Новиот мандатар ќе му предложи на претседателот на државата Стево Пендаровски програма и нов состав на Владата.

Се претпоставува дека некои од актуелни министри ќе си ги задржат позициите и во новата влада, а извесно е дека нема да бидат сменети министрите од ДУИ, пишува Слободен печат.