СП: Постапката за печатење на учебниците за шесто не е почната!?

На помалку од десет дена до крај на месецов, неизвесно е дали шестоодделенците, кои оваа учебна година ја започнаа без учебници, ќе добијат печатени учебници.



Иако министерот за образование и наука Јетон Шаќири ветуваше дека учебници ќе има до крајот на септември, постапката за печатење на учебниците не била почната, дознава „Слободен печат“.

Околу тоа до каде е постапката за учебниците за шесто одделение, од Министерство за образование за „Слободен печат“ одговориле дека одобрени се учебниците по албански јазик и Природни науки.

„Учебникот по Математика бил одобрен, но во тек е жалбена постапка, додека пак учебниците по Македонски и Турски јазик се во постапка на одобрување.

За Историја и општество се формира авторски тим.

На веб-страницата за електронски учебници, единствен достапен учебник за шестоодделенците е учебникот Јазик и култура на Бошњаците, кој е изборен предмет, а во ПДФ верзија достапен е и учебникот по Албански јазик како изборен предмет“ пишува „Слободен печат“.

Шестоодделенците се служат со помошни материјали, додека ги чекаат учебниците изработени од Бирото а развој на образованието и достапни само во електронска форма на веб-страницата на Бирото.

На почетокот на септември, Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека МОН не го испочитува законскиот рок да обезбеди учебници, потсетува порталот.