СП: Македонци бараат помош од бугарската амбасада во Киев за да се евакуираат

Сашо Андонов, Македонец кој живее во Киев – Украина, од утринава со семејството чека пред бугарската амбасада во Киев за да побара од бугарските власти да го приклучат на конвојот за евакуација од Украина за Бугарија.



Не е сигурен дали ќе има место за него, зашто бројот на бугарски државјани што чекаат да влезат во автобусите и да ја напуштат Украина е голем, вели Андонов за „Слободен печат“.

„Се обратив на неколку амбасади. Чекам моментално пред бугарската амбасада зашто имаат автобуси за евакуација, ама ми се чини дека ќе нема место. Автобуси имаат, но има многу бугарски граѓани. Ќе гледам да влезам. Бугарската амбасада се наоѓа во центарот на Киев. Јас не можев да излезам од дома зашто сум од левата страна на градот и сите мостови беа блокирани. Утринава успеав да поминам зашто отворија еден мост, но со многу проверки“, вели Андонов.

Тој додава дека има повеќе македонски семејства кои се заглавени во Киев и не можат да го напуштат градот.