Не постои „исчезнато петмесечно бебе“, за која мајка пријавила дека ѝ било украдено – вест што вчера предизвика вознемиреност и реакции на соцсоцијалните мрежи.
Бебето не постои туку е измислица на жената која пријавила во МВР дека ,,родила бебе на ГАК пред неколку месеци, кое потоа било пренесено на Детска клиника и исчезнало”.
Од Клиниката за гинекологија и акушерство, за „Слободен печат“ изјавија дека оваа жена последен пат кај нив се породила во 2019 година и нејзиното дете има 4 години. Оттогаш на ГАК таа не стапнала.
Од МВР потврдија дека пријавата за наводно исчезнато дете во Клинички центар е лажна.
„Пријавителката е лишена од слобода. МВР ја известува јавноста дека во координација со Основното јавно обвинителство Скопје го расчисти случајот со наводно исчезнато дете на Клинички Центар и утврдено е дека станува збор за лажна пријава од страна на Л.А.- велат од МВР за „Слободен печат“
Направени биле проверки во ординацијата на матичниот лекар на Л.А и притоа констатирано е дека таа била на преглед на 8 март 2023 година каде што од страна на докторот е констатирано дека таа не е бремена, изјавиле од МВР.
Во консултација со дежурен јавен обвинител Л.А. е лишена од слобода и задржана во полициска станица за понатамошно постапување.






