Советот на ФИФА донесе одлука Светското првенство во 2030 година, на стогодишнината од првото, да се игра на три континента – во Европа, Африка и Јужна Америка, а домаќини ќе бидат Шпанија, Португалија, Мароко, Уругвај, Аргентина и Парагвај.
Едногласно е прифатена заедничката кандидатура на Мароко, Португалија и Шпанија, а со оглед на јубилејот од првиот мундијал во 1930 година во Уругвај само првите три натпревари од СП 2030 година ќе се играат во оваа земја и во соседните Аргентина и Парагвај.
„Во поделен свет, ФИФА и фудбалот се обединуваат. Советот на ФИФА едногласно се согласи на најсоодветен начин да ја прослави стогодишнината од Светското првенство, чие прво издание се одигра во Уругвај во 1930 година. Прославата ќе се одржи во јужна Америка и во три јужноамерикански земји Уругвај, Аргентина и Парагвај, каде што ќе се одигра по еден натпревар. Првиот од овие три натпревари, секако, ќе се игра таму каде што сè започна – на стадионот ‘Сентенарио’ во Монтевидео“, објави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.






