Советот на Благоевград со декларација против отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“

Општинскиот совет на Благоевград усвои декларација со која советниците „категорично се спротивставуваат“ на „антибугарската провокација“ со отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ најавено за 30 октомври.



„Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации“, се вели во декларацијата.

Советникот Кирил Илиев од ГЕРБ изјави дека со оваа декларација им порачуваат на „македонистите“ дека не се добредојдени во градот.

Клубот „Никола Вапцаров“, кој ќе го управува Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права, а финансиски го помага Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДПЧ) од Канада, веќе има изнајмено простории во најголемиот град во Пиринска Македонија, но веднаш по истакнувањето на натписот тој беше оштетен со вадење на буквата „М“ од зборот „Македонски“.

Покрај декларацијата против македонскиот културен клуб, Советот на Општина Благоевград усвои и предлог за локацијата на споменикот на „Незнајниот македонски четник“. Тој ќе се наоѓа на еден од централните плоштади, а средствата за неговата изградба ќе се собираат во вид на донации.