Главниот советник за комуникации на премиерот Заев го обвини јавниот национален радиодифузен сервис МТВ дека ги погазила интересите на државата.
Советникот на премиерот со постот на социјалните мрежи, реагира на изборот на гости во емисија на МТВ, ги критикува нивните ставови и ја исклучува можноста за личен став кој би одел против членството во ЕУ и НАТО.
Забрчанец критиката за МТВ ја дава заедно со честитката за Илинден.
Владата чиј Пи – Ар функционер е Забрчанец има законски ингеренции во именување на менаџментот на МТВ.
“Честит Илинден на сите Македонци и на сите граѓани на Македонија!
Овој ден, меѓу другото, ќе остане запаметен и како ден кога националниот сервис, Македонската Телевизија погази врз националните стратешки интереси.
Гости говорници на МТВ денес во програмата во живо ги оспорија стратешките интереси, ЕУ и НАТО, означувајќи ги како определба на само една политичка структура.
МТВ денес јавно и експлицитно дејствуваше против националните и стратешки интереси на Република Македонија, за што треба да понесе одговорност”, напиша Забрчанец.






